Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори и е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години.

Синоќа Врховната изборна комисија на Турција ги објави прелиминарните резултати од речиси сите преброени гласови од вториот круг од изборите.

Претседателот на Изборната комисија, соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број на обработени гласови. Неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу, пак, освоил 47,8 отсто со речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите.

Ердоган ја прогласи победата на претседателските избори уште пред Врховната изборна комисија на Турција да го соопшти официјалниот изборен резултат.
Тој им се обрати на своите приврзаници, кои во голем број се собраа пред неговата резиденција во Истанбул, заблагодарувајќи им се што му ја дале одговорноста да владее во следните пет години.

Повеќе од 64 милиони гласачи можеа да гласаат на претседателските избори. Излезноста беше за четири отсто помала од пред две недели во првиот круг од претседателските избори, според агенцијата Анадолија, што би била околу 84 до 85 отсто.












