Најмалку тројца жртви има како последица на невремето и големите поплави што ја зафатија Словенија ноќта меѓу 3 и 4 август. Оваа информација ја објави словенечката новинска агенција СТА.
Словенечката полиција за оваа агенција изјави дека еден Словенец е загинат кај Камник, додека двајца Холанѓани го загубиле животот во планините во областа Крањ. Се уште се утврдуваат точните околности на смртта, информираат од полицијата.
Словенечката агенција за животна средина, АРСО, издаде метеоролошки аларм на највисоко ниво, откако просечниот месечен дожд падна за 24 часа во северна, северозападна и централна Словенија.
Претседателката Наташа Пирц Мусар изрази сочувство до семејствата на жртвите и апелираше до граѓаните „да останат поврзани и да се поддржуваат едни со други во овој тежок момент и да се грижат за старите и другите ранливи луѓе на кои им е потребна нашата помош и поддршка“.
Премиерот Роберт Голоб го заврши својот летен одмор.
Армијата му помага на персоналот на итната служба во операциите за спасување и рехабилитација.
Според извештаите на локалните медиуми, многу места се поплавени, стотици пожарникари и членови на други служби за итни случаи се на терен, а насекаде се слушаат сирени кои предупредуваат за опасност.











