Од денескa во продавниците во Србија по пониски цени може да се купат 20 основни производи за исхрана, хигиена и хемикалии за домаќинството под ознаката „подобра цена“, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ на својот Инстаграм ги повика граѓаните да ја искористат оваа акција која ќе трае до Нова година.
Производи кое ќе имаат пониска цена се: млеко, јогурт, бело сирење, јаболка, компири, тестенини, пилешко месо, салама во обвивка, безалкохолно пиво, сокови, кафе, храна за бебиња, шампон за бебиња, пелени за бебиња, шампон за возрасни, тоалетна хартија, хигиенски салфетки, детергент за миење садови и детергент за перење алишта.
Овие производи, како што наведе Момировиќ, се дел од кампањата „Подобра цена – цена за народот“ која ќе трае до 31 декември 2023 година, а со цел потрошувачите полесно да ги најдат на полиците и да ги купат, тие ќе бидат јасно означени со знак во продавниците „подобра цена“.
Момировиќ додаде дека главната цел на акцијата е цените на овие производи да бидат најниски или меѓу двете најниски во таа категорија во Европа.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ утрово го исполни она за што зборуваше претходните денови, а сето тоа како одговор на нападите од претставници на опозицијата и опозициските медиуми, кои почнаа по неговата прес-конференција на која, меѓудругото, зборуваше и за цената на основните прехранбени производи.

Имено, како што најави, Вучиќ утрово појадувал „паризер“ и леб со министерот Синиша Мали и Том Момировиќ.

„Синиша Мали и Тома Момировиќ отидоа во продавница, како што им ветивме на оние што ни го бараа, тоа не беше наш хир, бидејќи рекоа дека веројатно не треба и нема да го јадеме, купија пола килограм од домашно производство на „паризер“ купиле два литра јогурт, два леба, две кесички мајонез, а вкупната цена е 585 динари, што се гледа од фискалната сметка. Цената на овој `паризер` по килограм е дури 140 динари поевтина, затоа сум многу среќен што успеавме да создадеме нешто што народот сака да го јаде, нешто на што сите пораснавме, нешто што сè уште го јадам често, особено во авионот кога одам во странство, барам да ми направат сендвичи токму од овој „паризер“, истакна српскиот претседател Вучиќ.













