ТЕРА

REKLAMA???

ПОВЕЌЕ ОД 1000 ЗАГИНАТИ ВО СУДИРОТ НА ХАМАС СО ИЗРАЕЛ

Повеќе од илјада луѓе досега се убиени во борбите меѓу Хамас и Израел кои траат и утрово, речиси 48 откако палестинската милитантна група ја нападна земјата, јави ДПА.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово соопштија дека била погодена зграда во која се сместени членови на Хамас и неколку командни центри на Хамас. Меѓу центрите имало и еден што му припаѓа на Мохамед Кашта, висок член на морнарицата, соопшти ИДФ на платформата Телеграм.

ИДФ исто така гаѓаше оперативен објект на Хамас лоциран во џамија во градот Џабалија, се вели во соопштението.

Израел собрал околу 100.000 резервисти на југот, изјави портпаролот на ИДФ Џонатан Конрикус во видео објавено утрово на социјалните мрежи.

Мисијата, рече тој, е да се осигура дека Хамас повеќе нема да биде воено способен да им се заканува на Израелците и повеќе да не може да владее со Појасот Газа.

Конрикус рече дека околу 1.000 вооружени Палестинци влегле во Израел од Појасот Газа во исто време со ракетните напади на Хамас, кои почнаа неочекувано во саботата наутро. Портпаролот рече дека оделе од куќа до куќа во потрага по жртви.

Повеќе од 100 луѓе беа киднапирани од израелските градови и однесени во Газа, додаде тој.

– Нашите војници сè уште се борат и ги ловат последните терористи кои сè уште се на територијата на Израел, рече Конрикус, опишувајќи ја ситуацијата како „страшна“.

Приближно 700 Израелци се убиени, а повеќе од 2.100 се ранети, рече Конрикус.

– За жал, има голем број критично повредени луѓе кои можеби нема да преживеат. Така, за жал, астрономската бројка од 700 загинати Израелци нема да остане таква, додаде портпаролот.

– Ова е убедливо најлошиот ден во израелската историја. Никогаш досега толку Израелци не биле убиени од една единствена работа, нагласи тој.

Во израелските контра-напади врз Газа загинаа 413 Палестинци, а речиси 2.300 се повредени, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Во меѓувреме, предупредувачки сирени се огласија во текот на ноќта во поширокото подрачје на Тел Авив и во другите градови во земјата додека Хамас истрела повеќе ракети кон Израел.

Израелските одбранбени сили  соопштија дека од саботата се убиени вкупно 73 израелски војници, кога Хамас изврши масовен напад врз Израел со ракетни напади и копнени упади во јужен Израел, јави „Тајмс оф Израел“, додавајќи дека од нив само вчера биле убиени 16 војници.