Основното училиште „Коле Канински“ прослави 80 години постоење, значаен јубилеј под мотото „Под ѕвездите ги чуваме спомените“. Емотивната и ретро инспирирана свеченост се одржа во Центарот за култура. Присутните беа поздравени од директорката Дијана Христовска, која истакна дека целта на овие јубилеи е да се потсетиме на делата на Коле Канински и достојно да го зачуваме неговото име.

На манифестацијата се прославија 80 години од настава на македонски јазик во ОУ „Коле Канински“, 110 години од раѓањето на патронот и 80 години од неговата трагична смрт. Најемотивниот момент од настанот беше обраќањето на синот на Коле Канински, Стефан, кој повеќе од 70 години живее во Белград и кој со длабоки емоции се присети на својот татко, но и го честиташе патронатот.

На смејството Канински му беше подарена слика која е авторско дело на наставникот по ликовно образование Стефан Поповски. На свечената академија беше присутен и се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски,кој со најискрени желби го честита јубилејот на училиштето и им посака уште многу повеќе и поголеми успеси. Следуваше драмско-музички перформанс, музички точки од фестивалот „Си-до“.

По повод одбележување на Денот на училиштето, се реализираа повеќе настани и активности кои го прославија значењето на оваа образовна институциј покрај Централниот настан Свечената академија. Па така во Свечената сала на Офицерскиот дом-КИЦ Битола, беше приготвена пригодна програма. На свеченоста присутни беа и градоначалникот на Општина Битола, како и синот на херојот Канински со ќерката и внуката, што на овој настан му даде дополнително значење.

Директорката Дијана Христовска, заедно со семејството Канински, наставници и ученици, го посетија вечното почивалиште на нашиот патрон, каде положија цвеќе и оддадоа почит. Потоа, тие се упатија кон бистата на Коле Канински во градскиот парк, каде исто така положија цвеќе. На оваа локација, воедно, беа доделени дипломи од ликовниот и литературниот конкурс распишан по повод одбележување на патрониот празник.













