Македонскиот пејач Јоце Панов, познат по своите уникатни изведби, овој ноември го исполни ветувањето и го претстави своето најново музичко дело – емотивната балада „Во туѓина“, која веќе ја освои македонската публика.
Песната, објавена на неговиот YouTube канал, за кратко време достигна 100.000 прегледи, додека српската верзија насловена „U Tudjini“ собра 30.000 прегледи и бројни позитивни коментари од фановите во Македонија и Србија.
„Драги мои,
Со гордост Ви ја претставувам ‘U tudjini’. Проект на кој интензивно работев последниот период со огромна љубов и ентузијазам. Благодарност до целиот тим кој вложи огромен труд и креативност, како и до сите кои помогнаа да ја реализираме оваа песна. Ви ја подарувам од срце, со надеж дека ќе ви се допадне. Ваш, Јоце Панов“ – напиша пејачот на својот Facebook профил.
Мелодијата е длабоко емотивна и ја пренесува осаменоста и предизвиците на животот далеку од дома. Текстот ја доловува болката, но и надежта, додека видеото – дело на General Film Studio, режирано од Ана Марија Јанковиќ, визуелно ја истакнува внатрешната борба и копнежот кој зрачи од песната.
Со „Во туѓина“, Јоце Панов уште еднаш докажува дека квалитетот и искрените емоции се негов препознатлив печат. Песната не е само музика, таа е вистинско патување низ чувствата, кое ќе ги допре сите кои ја слушнат.













