Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, со коишто пратениците од власта очекуваат поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкуретност и намалување на цените.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој закон се носи во насока на заштита на стандардот на граѓаните.
„Изненаден сум што на Комисијата за економски прашања немаше поднесено амандмани, иако некои од опозицијата го критикуваа овој закон дека нема да го даде резултатот што го очекуваат граѓаните. Се критикуваат законски решенија на Владата, но кога ќе дојде време за амандмани, не поднесуваат“, рече Стојановски од собраниската говорница.
Истакна дека со поднесување на овие законски измени, одлучиле да одат во две насоки – да ги прифатат практиките што се подобри во западните држави и да ги земат мерките што досега се покажале добри во практика.
„Цените растат, а власта нема соодветен одговор и ги одбива предлог решенијата на СДСМ. Само во јануари цените во малопродажба се зголемиле за 5,2 отсто. Овој раст на цени нема да се реши со објавување на цените од страна на гранапчињата или на интернет. Потребни се системски решенија за намалување на цените“, вели пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи,.
Од СДСМ велат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН одбија да им помогнат на граѓаните, ги одбија Законските решенија на СДСМ намалување на ДДВ-то за струја и укинување на ДДВ за храна.
Законот за заштита на потрошувачите претходно беше разгледан и на собраниската Комисија за економски прашања. Со него, трговците на мало (малите, средните и големите) се обврзуваат да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект. Законските измени предвидуваат и глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори.
Ваков закон за заштита на потрошувачи минатата недела беше донесен и во Хрватска, според кој трговците во Хрватска ќе бидат обврзани редовно да ги објавуваат и ажурираат цените на сите нивни производи на нивните веб-страници и да овозможат непречен пристап до дигитални алатки кои ќе им даде на клиентите можност да ги споредуваат цените во реално време. Во Хрватска со измените на законот се пропишува и ограничувања на цените за клучните производи и услуги, како и јасно означување на производите со ограничени цени.












