Соединетите Американски Држави „веднаш ќе ја укинат суспензијата во размената на разузнавачки информации и ќе ја обноват безбедносната помош за Украина“, се вели во заедничката изјава на САД и Украина, објавена од американскиот Стејт департмент.
Украина е подготвена да ја прифати американската иницијатива за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот по денешните мировни преговори во Џеда, Саудиска Арабија. Овој предлог за прекин на огнот ќе може да се продолжи со взаемна согласност на двете страни, но неговата примена зависи од прифаќањето и спроведувањето од страна на Русија, пренесува Би-Би-Си.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави пред новинарите во Џеда, по разговорите со украинската делегација, дека САД дале понуда која Украина ја прифатила – да прифати прекин на огнот и да започне преговори за трајно и одржливо завршување на конфликтот. Тој додаде дека оваа понуда сега ќе ѝ биде пренесена на Русија и изрази надеж дека Москва ќе ја прифати. – Сега топката е кај нив, истакна Рубио, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп сака крај на војната.
МИА












