Уште неколку седници ќе ги пополнуваат овие советнички клупи. А, до тогаш дали ќе се корегираат да бидат точни за седниците да почнуваат тогаш кога се закажани или кога се гледа крајот и одговорноста е намалена. Реткост е седниците да почнат точно навреме, се некој се чека, оправдано или неоправдано, има различни причини и поводи, а ако некој не доаѓа најавува кај претседателката на Советот. Има исклучоци кои се и речиси половина час во салата пред закажаниот старт на седницата. Па така ако последната доцнеше скоро час и половина, на исклучоците им дојде цели два часа да се вртат низ објектот. И првата меѓу еднаквите и двајцата шефови на двете големи советнички групи даваат примери и на последната и на изминати седници, дека треба навреме да се биде тука.
„Тоа е. Јас секогаш сум точен. Секој треба да биде одговорен да доаѓа навремено, бидејќи седницата е закажана во 10 часот, како што е стандардниот термин. Тоа е нивна одлука“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

Илиевска вели дека таа го почитува времето на другите, но вели не може да каже дека така е во обратната релација.
„Видете постои еден назив кој се вика домашно воспитување и одговорност. Јас во овој момент можам да кажам дека јас постапувам согласно она што мене ми е обврска и го почитувам времето на сите други. Не можам да кажам дали другите го почитуваат туѓото време, меѓутоа еве како што и самите кажавте редовно се доцни со почнувањето на седниците, меѓутоа за да почни една седница во салата мора да има најмалку 16 советници“ вели претседателката на Советот, Габриела Илиевска.

За Николовски праксата се воспоставила така и така продолжува, иако вели не е тоа во ред.
„Праксата во минатото покажала дека е потребно време за координација пред седниците и секогаш седниците започнуваат со мало задоцнување и таа пракса ја применуваат дел од советниците, што мислам дека не е во ред, но праксата тоа го дозволува изминатиот период, така што тоа е причината за доцнењето на седниците“ вели советникот од СДСМ, Петар Николовски.

Дали се опуштени пред да бидат „отпуштени“, односно пред да има заврши мандатот, Бојкоски вели.
„Па претпоставувам дека си се опуштени цело време и ќе видиме“ вели Бојкоски.
На оваа последната седница имаше и збунетост, чувствителни точки на дневен ред, се чекаа да се координираат, едните во левата другите во десната просторија од салата, третите некаде на друго место. Старите рекле место не ги држи па наванму-натаму, по ново ќе слушнете толку многу ми ѕвонат што неможам да престигнам. Цела среќа што мобилните не се забранети во салата, оти да е така некои велат на пет минути ќе имаат проблем со кворумот за работа.












