Русија и Украина се договорија да ги прекинат непријателствата во Црното Море, соопшти синоќа Белата куќа, наведувајќи детали од разговорите одржани во Саудиска Арабија.
САД соопштија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забраната за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Двете земји се согласија дека „ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти американската влада, која посредуваше во преговорите.
САД, во однос на Украина, исто така се обврзуваат дека „ќе ги поддржат напорите насочени кон размена на затвореници, ослободување на цивили и враќање на присилно раселените украински деца“.












