Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе започне, како што ја нарекува, „мајката на сите трговски битки“, со воведување нови царини кои, според него, ќе означат почеток на „златната ера“ за САД, но кои, според аналитичарите, можат да предизвикаат потреси во глобалната економија.
Трамп вчера, според неговата портпаролка Каролајн Левит, бил „фокусиран на финализирање“ на планот, чијашто содржина и обем остануваат мистерија. „Од утре, ограбувањето на Америка завршува“, изјави Левит, нагласувајќи дека царините ќе стапат во сила „веднаш“.
Американската администрација не ги коментираше извештаите во медиумите дека се размислува за воведување унифицирана такса од 20 проценти на сите увозни производи, наместо царини базирани на потеклото на стоките.
Некои земји веќе подготвуваат одговор на можните мерки. Новиот канадски премиер, Марк Карни, изјави дека Отава ќе биде „многу внимателна“ при одлучувањето за реакција на „неоправданите мерки на американската влада“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека ЕУ не сака „непотребно да возвраќа“, но има „јасен план“ доколку се покаже потреба.
МИА












