Земјите од Европската унија ќе се обидат во наредните денови да покажат единство против царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, можеби одобрувајќи го првиот сет на насочени контрамерки.
В понеделник, Луксембург ќе биде домаќин на првиот политички состанок на ниво на ЕУ откако Трамп ги објави огромните царини. Министрите за трговија од 27-те земји-членки ќе разменат мислења за влијанието и најдобриот одговор на новите царини.
Дипломатите на ЕУ наведуваат дека главна цел на средбата е да се договори заедничка порака за подготвеност за преговори со Вашингтон за укинување на царините, но и подготвеност за контрамерки доколку преговорите не успеат.
„Мерките не смеат да бидат премногу благи за да ги натераат САД да седнат на преговарачка маса, но ниту премногу остри за да доведат до ескалација“, рече еден дипломат од ЕУ.












