Испитниот центар за полагање возачки испити, односно пробемот што во Битола не може да се полага, се најде на последната седница на Советот на Општина Битола. И додека се реши проблемот дојде предлог за помош на младите, односно оние кои одат во други градови за полагање. Николовски ја предложи точката.

„Сакам да излезиме во пресрет на младите граѓани кои што изминатите месеци требаше да патуваат до Охрид или околните градови за да полагаат возачки испит, да се одделат од буџетот на Општина Битола по 3000 денари на сите кандидати, кои поради хаосот биле принудени да патуваат во други градови“ рече советникот и координатор од СДСМ, Петар Николовски.

Коњановски го поздрави предлогот на СДСМ за 3000 денари субвенција, но рече дека сумата треба да е двојно повисока, 6000 денари, за оние кои полагаат возачки испит во соседните градови.
„Го поздравувам предлогот на СДСМ, конструктивниот, за субвенционирање од 3000 денари за оние кои што полагаат во другите градови, но имајќи ги предвид трошоците на кои ќе бидат изложени кандидатите за што ќе имат средба и со автошколите, сметам дека дека оваа поддршка треба да биде двојно поголема“ рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Коњановски рече дека на оваа тема, разговарал со министерот Панче Тошковски и побарал најбрзо можно завршување на постапката. Вели за жал, административните процедури, го одолговлекуваат овој процес, кој е од големо значење за сите идни возачи и затоа лично ќе се заложам колку е можно побрзо да заврши оваа постапка, согласно законските рокови. А, парите ќе треба да се обезбедат со ребалансот на буџетот.
„На состанок со координаторите на советничките групи за да можеме да планираме и соодветен Буџет, на седницата за ребаланс“ рече Коњановски.

Предлогот едногласно беше усвоен.












