ТЕРА

REKLAMA???

ЗАПОЧНА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ИМУНИЗАЦИЈА

Вакцинацијата ги искоренува болестите и спречува ширење и повторното појавување на опасни заразни болести, потсетуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод  Европската недела на имунизација којашто се одбележува од 27 април до 3 мај.. Ова е иницијатива предводена од Светската здравствена организација (СЗО), за подигање на свеста за виталната улога што ја игра имунизацијата во спречувањето на болести и заштитата на животот.

„Достапни се повеќе од 30 различни вакцини кои може да спречат повеќе од 30 опасни по живот болести и инфекции, помагајќи им на луѓето од сите возрасти да живеат подолг и поздрав живот. Клучните причини зошто вакцинацијата е важна: Спречува болести: Вакцините ги штитат поединците од сериозни, а понекогаш и од смртоносни болести, како што се мали сипаници, детска парализа, хепатитис, грип, тетанус. Со стимулирање на имунолошкиот систем, вакцините му помагаат на телото да ги препознае и да се бори против специфичните патогени без да предизвикаат болест“, наведено е во објавата на ИЈЗ.

Како што додаваат во ИЈЗ, се проценува дека вакцинацијата спречува 3,5-5 милиони смртни случаи секоја година, од болести како дифтерија, тетанус, пертусис, грип и мали сипаници. Ја штити заедниците: Кога голем процент од населението е вакциниран, се создава колективен имунитет, кој ги штити оние кои не можат да бидат вакцинирани (на пример, мали деца кои не ја достигнале возраста за да може да се вакцинираат, лица кои имаат контраиндикации за вакцинација или оние со компромитиран имунолошки систем). Ова помага да се намали ширењето на болестите и да ги штити ранливите категории.

Сепак, анализите досега покажуваат дека здравствениот персонал има предизвик во кампањите на т.н антиваксери. Се поголем е бројот родители кои не сакаат да ги вакцинираат своите деца во градските развиени средини. Показ за ова е и констатацијата на националната координаторка за имунизација  која вели дека „Незадоволителен е опфатот со вакцинација против МРП (морбили, заушки и рубеола) во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром, што доведува до висок ризик од повторна појава на епидемија со морбили“

Министерот за здравство Арбен Таравари по повод Европската недела на имунизација соопшти дека Македонија обезбедила најквалитетни вакцини од реномирани европски компании, со поддршка од СЗО и УНИЦЕФ. Според најновите податоци од Институтот за јавно здравје, во 2024 година е забележан пораст на бројот на вакцинирани граѓани во споредба со последните три години. Министерството годинава издвои 385 милиони денари за унапредување на имунизацијата и подигнување на свеста за важноста од вакцинацијата. Во соработка со СЗО, во 18 општини се ангажирани 35 мобилни тимови кои одат од врата до врата, информирајќи ги граѓаните за значењето на вакцините.