Денот на победата 9 Мај денеска беше одбележан во Битола. Промовиран беше документарниот филм „Слободата заборавена меѓу регистрите“, за еден важен период од историјата на градот и државата – победата над фашизмот, а во наши услови, во тоа време исто толку важна и социјалистичката револуција.

Проект на Гимназијата Јосип Броз Тито, младинското радио , Гете Иновации и државниот архив на Македонија во Битола, а со поддршка на Амбасадата на Германија во Македонија. Филмот е авторско дело на ученикот Давид Козаров и неговиот ментор, професорот по македонски јазик во Горната, Никола Трајковски. Зборуваме за слободата, рече професорот денеска непосредно пред промоцијата.

„Филмот го нарековме „Слободата заборавена меѓу регистрите“, во филмот зборуваат повеќе луѓе како соговорници, ученици од Гимназијата за различните аспекти на слободата и што слободата значеше по ослободувањето, а што слободата значи денес.“ – ни рече професорот Трајковски.

Идејата беше заедничка меѓу Архивот и Гимназијата, вели Гоце Стојановски од Државен архив-Битола. Во филмот соговорници се четворица еминентни битолчани – професорот Александар Стерјовски, хроничар на Битола, Петар Ставрев, фотограф и новинар, Панде Димитровски , новинар и некогашен младински активист и професорот Иле Трајковски од Гимназијата.

„Ние бевме само еден дел од еден прекрасен тим на млади луѓе. Фокусот ни беше да ги анимираме малку младите и да ги донесеме во Архивот, да сватат што е , што значи , кои документи треба да ги читаме и да ги препрочитаме за повторно да имаме еден вид демократија, слобода. Целта беше низ различна призма да го доживееме моментот, да го препрочитаме моментот како се чествувала слободата по ослободувањето и како денес учениците ја перцепираат таа слобода. “- вели тој.

Втората светска војна претставуваше заробеништво во тоталитарна држава и преобликување на германското општество до 40те години на минатиот век со нацистичка идеологија, терор врз Евреите и малцинствата. Оттука, одбележувањето 8 децении од победата е многу важно за денешна Германија. Финансиската поддршка на овој заеднички проект ја обезбеди Амбасадата на Германија во Македонија.

„Тука сме денес за заедно да ја одбележиме 80 годишнината од крајот на Втората светска војна. Овој ден е за нас многу важен, ова е ден на ослободување, ослободување од ужасните дела коишто ги стгорија германските фашисти. Ме радува многу што денес сме тука и што заедно со Архив од Битола и со училиштата се сеќаваме на тој ден, Ова е заеднички проект, во којшто треба да извлечеме поука од она што се случило, поуки кои ќе ни помогнат да создадеме подобра иднина. Овој ден е многу важен за нас во Германија бидејќи ние имаме одговорност заедно во Европа да се сеќаваме на овој ден , да се бориме против заборавањето бидејќи тоа е основата за мирољубив соживот. “ – рече нејзината екселенција амбасадорката Петра Дрекслер за ТВ ТЕРА.

Ако не учиме од историјата осудени сме да ги повториме истите грешки, вели една од пораките кои ги носи овој филм, без разлика дали се изречени – јасно или се наѕираат во споредбата на фотографиите од некогаш и широките снимки на градот направени од птичја перспектива. По премиерното емитување на филмот, присутните, амбасадорката Дрекслер, градоначалникот Тони Коњановски, професорите кои партиципираа во филмот и тие кои стојат зад оваа генерација ученици од Гимназијата, имаа панел дискусија за многу од аспектите офатени со овој филм.












