ТЕРА

REKLAMA???

БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА КУЛТУРНАТА РАЗЛИЧНОСТ

Општина Битола денес се придружува на глобалното одбележување на Светскиот ден на културната различност за дијалог и развој – 21 мај, ден прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2002 година. Овој ден го нагласува значењето на културната разновидност како двигател на мирот, соживотот и одржливиот развој.

На просторот пред репертоарот на Народниот театар Битола, беше одржан културен настан со учество на повеќе локални културни здруженија.

Настанот го поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој во своето обраќање истакна дека целта на оваа манифестација е да прерасне во традиционална платформа, со потенцијал да се прошири и на регионално и на државно ниво.

„Општина Битола се вклучува во одбележувањето на овој ден, со цел да ги истакне културните различности, но Битола има посебно значење во овој дел, зошто Битола е град на мултикултурата, мултиетничноста и овој град отсекогаш бил дом на многу народи, намерници кои минувале низ вековите и заедно се движеле низ Широк Сокак. Голема благодарност и за културно уметничките друштва кои се овде и ни презентираат дел од својата култура, како и здруженијата на Власите, Ромите, Албанците, Македонско – турското здружение, ракотворците и сите оние кои се овде и ја збогатија оваа програма со дел од својата култура, нивни носии, специјалитети кои овде ги промовираат. Оваа манифестација, можеби треба да се прошири во регионот и Републиката, зошто Битола навистина е град на мултикултурата, кој заслужува да биде домаќин на оваа манифестација“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Во рамките на програмата учествуваа: Културно-уметнички друштва од Битола, Комуната на Власи, Здружението „Ромска ѕвезда“, Здружението за македонско-српско пријателство, Здружението на ракотворци од Битола, Македонско-турското здружение „Мустафа Ќемал Ататурк“, Здружението „Нентори 22“ и други организации.

Настанот беше посветен и на промоција на вредностите од Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на културната различност (2005), која ги утврдува следните цели:

  • Поддршка на одржливи системи на културно управување
  • Балансирана размена на културни добра и мобилност на уметници
  • Интеграција на културата во развојните стратегии
  • Почитување на човековите права и слободи преку културен израз

Општина Битола со оваа иницијатива уште еднаш потврдува дека културната различност не е само вредност која треба да се зачува, туку и движечка сила за поинклузивна и посилна заедница.