ТЕРА

REKLAMA???

ВО 2024 ГОДИНА ОКОЛУ 28 ИЛЈАДИ ТОНИ КОМУНАЛЕН ОТПАД ОД БИТОЛА

Се организираше Регионален форум на заедницата за Пелагонискиот регион, кој има за цел актуелизирање на прашањата поврзани со подобро спроведување на Зелената Агенда на Западен Балкан на локално ниво.

Целта на форумот е да се потенцира потребата од добро управување со комунален отпад на територијата на Пелагониски регион, дефинирање на моменталната состојба со постапување со овој тип на отпад и негативните влијанија врз здравјето на луѓето и животната средина.

„Зелената агенда претставува инструмент со кој што државите, земјите од Западен Балкан треба да ги исполнат барањата од европскиот зелен договор и да постигнат климатска неутралност. На патот на таа климатска неутралност секако е и соодветното справување со отпадот, односно подобрувањето на циркуларната економија, а за да обезбедиме функционална, односно соодветна циркуларна економија, неопходно е да воспсоставиме и регионален систем за управување со отпад“ вели Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени-Скопје.

Воспоставувањето на современи регионални центри за управување со отпад претставува клучен чекор за заштита на животната средина и унапредување во управувањето со отпад во Македонија.

„Очекувана е реакцијата на граѓаните и никој всушност не сака да имаме ѓубришта никаде во земјава. Ние сега зборуваме за нешто што не е ѓубриште, зборуваме за еден организиран систем за управување со отпад, ситем кој подразбира од примарна селекција до соодветно отстранување или депонирање на отпадот, понатаму со негова преработка, се со цел да биде заштитетна животната средина и нормано здравјето на граѓаните“ вели Ана Каранфилова-Мазневска од Министерството за животна средина.

Во моментот велат дека се соочуваме со бројни нестандардни депонии и ѓубришта кои се значајна закана за здравјето и природата. За таа цел, неопходно е воспоставување на контролирани и еколошки безбедни решенија.

„Ние како јавно претпријатие „Комуналец“ Битола сме задолжени само на територија на Општина Битола, депонијата која во моментот ја имаме, депонијата во Мегленци е задолжена да го прима ѓубрето од Битола, Новаци и Могила како тука сродни општини. Во текот на 2024 година само по основ на комунален отпад имаме 28 илјади тони отпад примено само од Општина Битола, плус општините Могила и Новаци. Тоа е една огромна количина на отпад која се прима на нашата депонија, тоа е од физичките и правните лица, односно од граѓаните и од фирмите од кои се прима тој отпад. Со оваа регионална депонија, односно регионален собирен центар се очекува драстично да се намали количината на отпад која како Општина Битола, Могила и Новаци ќе се прави заради тоа што ќе има многу поголема селекција на отпадот, односно граѓаните превентивно ќе селектираат, ќе се намалува количината на отпад кој ќе завршува таму“ вели Горан Степановски, директор на ЈП „Комуналец“ Битола.

Настанот е организиран во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“, спроведуван од страна на Центар за климатски промени во соработка со партнерите, а битолскиот е „Геосфера“.

Градоначалчниците беа тука, граѓанскиот сектор, од советниците само од ВМРО ДПМНЕ и од ВМРО НП, други советниците од советничките групи од битолскиот Совет како што се СДСМ, Поинаку, Левица и други, немаше, иако рекоа дека сите биле поканети.