Курбан Бајрам (познат и како Голем Бајрам или Бајрам на жртвувањето) е еден од двата најголеми празници во исламот, заедно со Рамазан Бајрам. Тој има длабоко верско, духовно и општествено значење за муслиманите ширум светот.

Курбан Бајрам не е само ден на жртвување животно, туку празник што потсетува на верата, милосрдието, солидарноста и жртвата во име на доброто. Тој е време за обединување, прошка и делење, и има голема морална и социјална вредност.

Во Битола главната бајрамска молитва предводена од муфтијата Амит Расими, се одржа во Исхак Челеби џамијата.

Битолскиот муфтија вели дека значењето на Курбан Бајрам е симбол на покорност кон Аллах . Курбан Бајрам го одбележува моментот кога пророкот Ибрахим (Авраам) бил подготвен да го жртвува својот син Исмаил, по Божја заповед. Аллах, гледајќи ја неговата искрена посветеност и покорност, го запрел и му испратил овен (овца) како замена. Овој настан е симбол на вера, доверба и преданост кон Бога.

Жртвување на курбан, оние кои се во можност, го прави празник на сплотеност и заедништво.

Курбан Бајрам е време кога семејствата се собираат, се посетуваат, си простуваат и споделуваат радост. Посебен акцент се става на помагање на сиромашните и осамените.
Курбан Бајрам се слави на 10-иот ден од месецот Зул-хиџџе, по завршувањето на хаџот, аџилакот во Мека – што е една од петте столбови на исламот. Овој ден ги поврзува сите муслимани со духовноста на хаџот.

Празникот започнува со бајрам-намаз, посебна молитва што се клања во џамија или на отворено. Тоа е време за благодарност, простување и духовна рефлексија.
Фото: Агим Џело












