Од Општина Битола попладнево преку соопштение велат дека при реализацијата на проектот за „Реконструкција на постоечки тротоари” на дел од улиците „Васко Карангелевски” и „Партизанска”, беше констатирано дека изведувачот на градежните работи „Јоска Транс” направил пропусти при подигнувањето на затворачите и капаците на одредени локации, во должина на десната страна од трасата на улицата „Васко Карангелевски”.

Согласно проектот и во континуитет со изведените работи, ЈП „Паркинзи” изврши обележување на велосипедската патека по целата должина на трасата.

Екипи од Општина Битола излегоа на терен, ја утврдија состојбата и веднаш реагираа до изведувачот за корегирање на пропустите, со оглед на тоа дека проектот сè уште е во тек на реализација и не е целосно исплатен.

Дополнително, се вели во соопштението од општината, општинската администрација ги има предвид и укажувањата на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, изнесени преку видео-снимка. Истите веќе беа евидентирани од страна на општинските служби и се постапува по нив – како што се постапува за секој проект кој е во фаза на реализација.

Мерките кои што ги презема локалната самоуправа, имаат за цел успешно завршување на проектот за изградба на велосипедски патеки, кои се долгогодишна желба и потреба на битолчани, стои во соопштението на општината.



Фото: Општина Битола












