Во врска со проблемот на станарите на ул. „Климент Охридски” бр.19, за кој во текот на вчерашниот ден беше информирана јавноста, Општина Битола веднаш презеде активности во рамките на своите надлежности, преку секторот општински инспекторат. Веднаш после објавата, прибавени се информации по службена должност од управителот на зградата, при што управителот ја извести општината дека, сопственикот на станот, кој починал, сеуште нема законски наследник, со што управителот немал овластување да влезе во станот, стои во информацијата од Општина Битола.
Исто така, веднаш е одржан состанок со претставник на СВР Битола и констатирано е дека надлежноста за постапување на овај случај е на Основниот суд Битола, со што итно управителот на станбениот сервис е должен да прати барање до Основниот суд за отпочнување на судска постапка за стекнување можност на законско и непречено влегување во недвижноста.
После добивање на правосилно судско решение, управителот на зградата ќе пристапи кон целосно чистење на горенаведениот стан.
Во координација на општината со Центарот за јавно здравје, договорено е после постапувањето на управителот на зградата да биде спроведена итна дезинфекција на ходниците на целата зграда и предметниот стан во присуство на овластени лица, информираат од Општина Битола.

Фото: Општина Битола












