Неколкуте случаи на запалени депонии деновиве се актуелна тема и сериозна закана која го отвора прашањето за постоење на ваквиот ризик насекаде каде што има диви депонии.
Битола веќе подолг период се соочува со голем број диви депонии. И покрај напорите на комуналните служби преку акции за расчистување да го решат проблемот, несовесните граѓани повторно на истите места создаваат депонии што во актелниот период проследен и со високи температури претставува ризик фактор за пожари.
„Покрај нашето секојднево алармирање, советување и апелирање до граѓаните да не се депонира нелегално, повторно имаме таква појава. Неколку пати годишно ЈП Комуналец во соработка со другите јавни претпријатија и со приватни фирми вршиме чистење на сите диви депонии во градот, но по краток временски период повторно на истите места се депонира. Тоа не само што е штетно од самото нелегално депонирање, туку е можно и запалување и подметнување на пожари кои исто така предизвикуваат штетни последици. Јавното претпријатие има засилени контроли во поглед на екипи кои покрај редовното работно време, вонредно, во попладневните часови вршат контроли на повеќе локации на територија на општина Битола. Вршиме контрола, ги проверуваме дали има дополнително нелегално депонирање. Таму каде што има нелегално депонирање ги испраќаме нашите екипи да исчистат.“-вели Горан Степановски, директор на ЈП Комуналец Битола.

Летово и во Битола се регистрирани неколку случаи на запалување на помали диви депонии. „Во соработка со територијалната противпожарна единица имавме неколку пријави за палење на диви депонии. Најчесто во близина на населба Баир. Тука имаше неколку запалувања. Во текот на секоја година, не само сега, туку и изминатите години, се соочуваме со запалување и најголем дел е од човечки фактор. Затоа правиме максимални напори да ги чистиме дивите депонии во рана фаза.“ – вели Степановски.
Поради сериозноста на проблемот со пожарите кои потекнуваат од човечки фактор, а нелегалното депонирање отпад ја доусложнува ситуацијата, се погласни се предлозите за измени во законите со кои подметнувањето пожар би било квалификувано како дело на тероризам, а одлагањето смет на локации кои немаат таква намена би било кривично дело казниво со затвор над пет години.




















