ТЕРА

REKLAMA???

НАСКОРО ЌЕ ЗАПОЧНЕ СО РАБОТА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР

Од Испитниот центар за полагање за возачки дозволи во Битола денеска за ТВ Тера потврдија дека во наредните денови започнуваат со работа. Ваквата информација ја добивме откако телефонски ги контактиравме во битолските канцеларии на авто мото испитниот центар Супер Возач.

Термини за полагање на одложените возачки испити и информација за прием на нови кандидати за возачи ќе бидат објавени на интернет страницата на АМИЦ Супер Возач Битола supervozac.mk, а кандидатите чии испити беа одложени ќе бидат лично контактирани. Ваквото известување е објавено на веб страницата на Испитниот центар.

Претходно и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека центарот ќе проработи. Ова значи дека идните возачи во регионот ќе можат да ги завршат процедурите поврзани со полагањето за возачка дозвола, услуга која во меѓувреме не им беше достапна од втората половина на август откако МВР донесе забрана за работа во траење од 30 дена бидејќи не биле испочитувани условите за работа во однос на потребниот стручен кадар, документацијата за возилата и  водењето евиденција.

Но, Министерот смета дека генерално во однос на испитните центри во државата треба да се изнајде ново системско решение, бидејќи вели дека постоечкиот систем е обратно поставен.

„Систем кој не се грижи за квалитетот и знаењето кои што ќе го добијат граѓаните, не се грижи за она што треба да добие државата и не се грижи за ништо ако ме прашате мене што е поврзано со спроведување на овие испити во рамки на испитните центри. Обратно е поставен системот. Државата на јавен оглас доделува оваа или таа компанија да го работи конкретен испитен центар, а притоа изборот на кој ќе биде не е на министерството реално, туку е на некој кој што има полигон.“-изјави министерот Тошковски во интервју за 360 степени.

Смета дека е најдобро системот да функционира врз основа на јавно приватно партнерство и банкарска гаранција.