Првите есенски дождови денеска веројатно поколебаа многумина да излезат низ град и да ги завршат своите редовни обврски. Оние кои сепак не можеа да ги одложат обврските ги затекнавме како прескокнуваат полни вирови на улиците, внимавајќи да не ги испрска некое од возилата кои се движат.

Таму каде што има тротоари, ако нема дупки во кои се собира вода движењето е полесно, но граѓаните се жалат дека често треба да се движат дирекно на коловозот бидејќи тротоар или нема или на него се паркирани возила.
Коментираат дека и мал дожд е доволен движењето пешки или со автомобил низ град додека врне да не е најпријатно искуство. Велат дека на дожд освен чадор им требаат и водоотпорни чевли, што значи дека на ваквото дождливо време се радуваат единствено трговците на обувки.

Други пак се соочуваат со насобрани води директно пред нивните домови. Стравуваат дека малку посилен дожд по кој знае кој пат може да им ги наполни со вода визбите и приземните простории.


















