Решавање на проблемот со кучињата скитници побараа жителите на Карпош и Кланица за време на посетата на возилото на Тера телевизија како дел од иницијативата „Глас за градот“ во чии рамки се дава можност на секој граѓанин да ги истакне градските проблеми со кои се соочува или да предложи идеи и решенија од интерес за сите граѓани.
Хуман третман на кучињата и повеќе инспектори на терен бараат битолчани од овој дел на градот, посочувајќи на случаи на отруени кучиња и мачки, но и напади од кучиња врз луѓе. Бараат ова прашање да се решава преку надлежните комунални служби, но и да има санкции за неодговорните сопственици на миленици кои се ослободуваат од несаканите животни оставајќи ги на улица.
Жителите на населбите Карпош и Кланица се пожалија и на хигиената, посочувајќи примери каде несовесните граѓаат депонираат отпад до контејнерите наместо во нив.
Оние кои живеат во зградите во близина на железничката линија побараа редовно косење на тревата и уредување на просторот, а потоа негово одржување. Посочија и на проблем со оставени кабли, за кои велат дека доколку се приклучени на електрично напојување можат да претставуваат безбедносен ризик.
Во реонот на Карпош како еден од најголемите проблеми го посочуваат недостатокот на паркинг простор. Велат дека многу граѓани тука паркираат и заради близината на центарот на градот поради што локалните жители често нема каде да ги паркираат своите возила иако живеат тука.
КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ ПРОБЛЕМ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА КАРПОШ И КЛАНИЦА












