Стар кауч, душек од спална, расфрлани делови од мебел.. дотраени гуми и по некоја ќерамида. Тука може да се види и градежен шут, стари дрвени летви, па дури и дотраен телевизор.
Веројатно помисливте дека ова е некоја зафрлена локација на периферијата на градот која несовесните граѓани ја користат за нелегално депонирање на се она што веќе не им треба.
Иако ваквата слика е разочарувачка без оглед каде се наоѓа, уште поразочарувачки е кога ќе се знае дека оваа локација е во еден од погусто населените делови на Битола.
Многумина минуваат оттука покрај ѓубрето за да стигнат до локалниот пазар и да купат храна.
Ученици секојдневно ја гледаат ваквата грда слика додека се движат кон локалното училиште или се враќаат од настава.
И во овој дел на градот становите чинат над 1000 евра од метар квадратен, а на блискиот паркинг се паркираат возила кои чинат над 30.000 евра.
Најголем дел од локалното население веројатно ја заобиколува локалната дива депонија која личи на сцена од некој морничав трилер.
Се работи за околината на некогашниот хотел Битола, веднаш до пазарот во Нова Битола.
Низ сметот можат да се забележат и расфрлани флаери кои потсетуваат дека во тек се локалните избори.
ДИВА ДЕПОНИЈА ВО БИТОЛА ИЛИ СЦЕНА ОД МОРНИЧАВ ТРИЛЕР












