Денеска измина 70 ден како жителите на преспанското село Љубојно спречуваат сеча на дрвјата од шумата над селото. Во меѓувреме, државата тврди дека шумата се сече по план, а концесионерот пресметува штети. Љубанци велат ридот се соголува, а без дрвјата селото ќе го нема.

Љубојно е селo во општина Ресен, во регионот Преспа. Над селото се наоѓа шумски простор со дабови, бука, смрека. Селото е сместено на околу 2 километри источно од Преспанското Езеро, во една од западните пазуви на планината Баба, во долниот тек на живописната долина на Брајчинска река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 920 метри. Се наоѓа 2 километри од езерото, а на 28 километри оддалеченост од Ресен. Лилијана Томулевска вели 70тина жители има кои живеат од производство на јаболка и многу иселени кои постојано за викенд се тука.

Веќе 70 дена жителите протестираат против сечата на дабовата и буковата шума над нивните домови.

Бараат привремена забрана за сеча, јавна расправа и целосна ревизија на концесијата. Се обратиле до надлежните институции. Според Министерството за земјоделство, сечата е законска и планска, во рамките на „Посебниот план за стопанисување со шуми за ССЕ Пелистер–Брајчино“, донесен со решение од 13 март 2024 година. Одредени медиумски пишувања ја именуваат фирмата „Диба Трејд“ од Косел, како носител на концесиски договор со ЈП „Национални шуми“.


Планот подразбира сеча на 4.000 кубици, градоначалникот на Ресен пак информирал за 7.000. Но според снимките што Васко ги направил од дрон, и прошетката низ изголениот дел, само во 2-3 дена се исечени околу 1.500 кубици. За 10 години-од ова ќе биде само гол рид. Што ќе биде ако двете предвидени парцели за сеча се соголуваат според концесијата, се прашуваат жителите, кои претпоставуваат дека ваквата динамика ќе ги доведе секачите до врвот Цуце, и на надморска висина од 2.012.

Лазар Ангеловски вели дека сечата се изведува на 20тина метри над резервоарите за вода, дека водата во Брајчинска река веќе не е бистра, дека се прави голем проблем. Се обратиле до институциите, конечно во владата им рекле дека ќе се направи ревизија на договорот за концесија и сеча. Сепак немаат сигурна гаранција ниту конечна информација, па, продолжуваат со протестот.

70 дена жителите на селото ја напуштаат својата работа и се упатуваат најпрвин кон центарот на селото околу фонтаната, се собираат, а потоа се упатуваат кон барикадата, поставена да ги спречи камионите и секачите да стигнат до делот од шумата чиј биосистем е веќе нарушен. Секој викенд младите кои живеат во Ресен, Битола или Скопје им се приклучуваат. Нема пауза од протести. Не смее да има. Го разбираат животот на шумата. Разбираат дека треба да има санитарна сеча со проред, а не голоосек.
Злокобните мисли на жителите кои секојдневно се во шумата се остварија многу рано. Летен дожд предизвикал поплави што ги поврзуваат со сечата. Водата се излеа по патот кој од селото води во шумата. Најпрвин го даде објаснувањето зошто токму таму мора да има блокада. А потоа и опасноста од сечењето на дрвјата.

Лилјана објаснува дека десетина дена камиони и секачи го „тресеоле“ местото на почетокот на сечата. Кога жителите виделе што се се прави, нејзиниот син го ставил својот автомобил на патот, со помош на жителите се излеал песок, а на крај се ставила барикадата. Така спонтано започнал овој протест. Властите, со објаснување дека возилото попречува со работа на концесионер, го казниле со казна во вредност од 600 Евра. Сите собрале пари и ја платиле. И повторно би го сториле тоа.

Протестот со внимание го следата и еколошките здруженија.„ Зелена народна стража“, има и свој претставник. Последно протестирал за заштита на реката Дошница на Кожув кадешто била планирана изградбата на хидроцентра.ла. Андреј од ова здружение на граѓани вели се работи и за неговата иднина.

Шумата е биосистем со свои животни правила, како живите организми. Фактот дека Љубојно е лоцирано непосредно под шумата која надвиснува со сета своја висина на дрввјата ги оправдува прашањата за ерозијата на почвата кога ги нема корењата на дрвјата, за целовитоста на јавните расправи што властите ги организираат кога го планираат урбаниот разво ји сопанството, за целовитоста и вистинитоста на секој елаборат за влијание врз животнат средина што се подготвува.
Сите легенди за етимологијата на името се поврзуваат со Љубовта. А Љубанци се во сериозна љубовна врска со шумата над нив. И утре ќе ги најдете таму. Ќе биде 71 ден протест. Очекуваат документ кој може да им гарантира дека како генерација направиле се да ја одбранат иднината на своите поколенија.
Погледнете ја репортажата подолу преку врската што ќе ве одведе до YouTube.


















