По пријава на граѓани за расфрлани отпадоци и несоодветно одлагање на смет во населбите Карпош и Кланица денеска нашата екипа излезе на терен во овој дел од градот. Граѓаните се жалат дека секое помалку или повеќе затскриено место се користи за фрлање на отпад од страна на несовесните граѓани. Токму таква слика затекнавме на терен.
Стари душеци, пластични шишиња, искршени стакла и картони се фрлаат дури и под скалишните простори низ населбата. Таму остануваат со денови, па дури и со месеци. Кога ќе дувне силен ветер ги расфрла отпадоците на сите страни.
Со оглед на тоа што во близина има и продавници за храна често може да се видат расфлани хартии и најлончиња, како и амбалажа од производи кои некој ги купил, искористил, а потоа ги фрлил на улица.
Ништо подобра не е состојбата ниту во населбата Кланица. Наместо во контејнерите многу отпадоци завршиле на улица. Цели најлони со смет се влечеа по улицата запнувајќи се на гумите од возилата кои минуваа тука.
Иако населбата Кланица е една од населбите која изобилува со зеленило, истото како да служи и за одлагање на отпад. Мини депонии затекнавме до самите живи огради во близина на зградите. Иако скриени од погледот на минувачите, бидејќи ѓубрето се фрла преку високата зелена жива ограда, сепак ваквите депонии не само што ја нагрдуваат сликата, туку претставуаат и директна закана за животната средина и здравјето на локалното население.













