Си-Ен-Ен (CNN Travel) објави репортажа во која Македонија е претставена како привлечна јужноевропска земја со вкусна храна, одлично вино и без масовни туристички гужви, нудејќи уникатно искуство за патниците.
„Опкружена со гребени и врвови кои нудат пејзажи што го опфаќаат целиот спектар од четирите годишни времиња – од зелени падини до снежни карпи – Северна Македонија нуди шанса за избирање на патот по кој поретко се оди како дестинација во Јужна Европа. Вака „Си-ен-ен травел“ ја започнува сторијата за природните убавини на Македонија, со што ја става нашата земја на мапата на туристички дестинации што вреди да се посетат.
Според Си-Ен-Ен Македонија е недоволно истражен дел од Балканот чија историја, од византиската и османлиската до југословенската ера, се комбинира со нејзините сеприсутни планини за да создаде збир на регионални култури со цврста посветеност на традицијата и топло, срдечно гостопримство.
Оваа нација без излез на море е една од најпланинските земји во светот, а драматичниот терен е централен за нејзиниот идентитет.
Земјата со 2 милиона жители сè уште не ги доживеала толпите туристи што го задушуваат поголемиот дел од Јужна Европа секое лето. Оние што се вклучени во туристичката индустрија се претпазливи во привлекувањето таков вид туризам бидејќи би можел негативно да влијае врз квалитетот на животот на жителите. Но, тие знаат дека земјата има многу што да понуди и дека туристичкиот сектор сè уште има простор за раст.
Во репортажата се опишуваат „беспрекорно зачуваните византиски манастири, некои стари повеќе од 1.000 години, исполнети со украсни дрвени изработки со инкрустирани бисери, позлатени лустери и антички фрески“.
Исто така, се опишуваат убавините на Охридското Езеро, на националните паркови Галичица и Маврово, на Шар Планина, за посебните културни региони и традиции.
Секако, дел од репортажата е посветена и на храната, на ајварот, на скарата, ќебапите, пастрмајлијата, чорбите, ракијата, виното, свежите салати, печеното месо и свежиот леб од фурна.
МАКЕДОНСКИТЕ УБАВИНИ ГО ПРИВЛЕКОА ВНИМАНИЕТО НА СИ-ЕН-ЕН


















