Речиси 90 проценти од децата згрижени во детската градинка „Мајски цвет“ имаат говорни нарушувања.
Ваквата бројка е алармантна и загрижувачка, предупредува логопедот м-р Билјана Беделовска.
„Во установата „Мајски цвет“ од година во година, процентот на деца со говорни нарушувања е се поголем. Можам слободно да кажам дека речиси во секоја група некаде околу 90 проценти од децата треба да посетуваат логопед. Тоа е навистина голема бројка, што порано не можеше да се забележи. Меѓутоа како што поминува времето, таа бројка се зголемува и е алармантна и загрижувачка и тоа не само за стручните лица коишто ја работат мојата област, веќе станува загрижувачка и за образовниот процес во училиштата- вели за ТВ ТЕРА м-р Билјана Беделовска.
Таа додава дека некои од тие говорни нарушувања кај децата во предучилишна возраст се во полесна форма, но, има и такви што се сложени и бараат вклучување на психолог.
„Порано говорните нарушувања беа во полесна форма, меѓутоа веќе забележуваме говорни нарушувања што се навистина сложени и неопходна е секојдневна посета на логопед, посета на психолог и дефектолог, бидејќи самите нарушувања се сложени. Повеќе стручни лица треба да се екипираат за да може да го реши говорното нарушување-вели Беделовска и додава дека родителите веќе од двегодишна возраст забележуваат промени во говорот кај децата.
„Родителите се повеќе читаат и се едуцираат и веќе на двегодишна возраст забележуваат некои промени кај децата што не соодвестуваат со правилниот развој- додава таа.
Содржините што децата ги гледаат преку мобилните телефони и дигиталните уреди се едни од најчестите причини за нарушувањата, но, исто така големо негативно влијание има и брзиот начин на живот.
„Дигиталната технологија е честа причина за појавата на говорни нарушувања кај децата. Причина може да биде и биолошкиот фактор, а исто така и брзиот начин на живот што сите ние го имаме-вели Беделовска притоа додавајќи дека во зависност од тоа за каков вид на говорно нарушување станува збор, така се одвива и текот на корекцијата.
„ Во сите 8 објекти во нашата установа, јас како логопед редовно поминувам за корекција, групите најчесто се движат од четири години па нагоре, меѓутоа ако забележиме некои говорни потешкотии кај децата, веднаш реагираме-посочува м-р Билјана Беделовска, логопед во детската градинка „Мајски цвет“ и додава дека од големо значење е соработката помеѓу логопедот и родителите и стручен тим, се со цел на децата коишто се соочуваат со проблеми во говорот, да им се обезбеди навремена и квалитетна поддршка.

















