ТЕРА

REKLAMA???

ДАЛИ ЌЕ ПОСКАПИ ПАРКИНГОТ ВО БИТОЛА

Корекцијата на цените во согласност со пазарните услови е економски оправдана, временски задоцнета, но и задолжително неопходна зошто веќе на сите им е јасно дека ова води кон потенцијално згаснување на претпријатието кое има битна улога во регулирањето на оној дел од сообраќајот кој согласно законските надлежности и припаѓа на општината, вели директорот на битолски „Паркинзи“ Зоран Михајловски.

Незамисливо е една урбана заедница од обем како нашиот град да нема регулација на стационарниот сообраќај и да биде оставена на случајноста регулацијата на овај вид на сообраќај, додава тој.

Михајловски вели дека корекцијата на цените е неминовна, но не само од економски аспект.

„Платениот паркинг посебно во центалните градски подрачја спаѓа во групата на т.н. репресивни мерки и има за цел да ги спречи непотребните патувања на локациите на кои сообраќајот е хронично задушен. Со правилна регулација на цената, но и континуирана контрола врз наплатата на паркинг сесиите на едноставен начин се регулира кој каде ќе оди и колку време ќе се задржува. Наместо досегашниот пакет 40 денари за три часа, кој е надвор од секоја логика за регулација на сообраќајот во централната „А“ зона и кој наместо да го одвратува непотребните паркирања, ги стимулира истите, на мислење сме дека треба да се воведе и ограничување на времетраењето на паркирањето во централната зона на еден или неколку часови. Време кое е доволно за да се завршат одредени обврски, а централното градско подрачје ќе се ослободи од традиционално непотребните патувања, а со тоа ќе се зголеми и бројот на слободни паркинг места во оваа зона. Ова не значи дека тие возила ќе останат дома, туку дека истите ќе се пренасочат на некоја од останатите две зони. Тука морам да го  нагласам и фактот дека со корекција на цената ќе се соочиме и со намалување на бројот на паркинг сесии од причина што некои возачи ќе започнат да користат алтернативни начини на превоз: градски превоз, велосипед, ел.тротинет, мопед итн.“ вели Михајловски.

Според Михајловски со намалувањето на бројот на паркинг сесии се претпоставува дека ќе биде околу 20% од сегашниот обем.

„Користењето на алтернативни начини на превоз на сметка на намалувањето на моторниот сообраќај е во корист на сите граѓани. Намалувањето на бројот на паркинг сесии за 20% ќе биде од корист на сите нас, што ќе резултира со намалени сообраќајни метежи, бучава, загадување итн. во централното градско подрачје.
Како значителен податок кој треба тука да биде наведен е дека уличната мрежа во градот е проектирана за да прифати 10.000 возила, а минатата година се регистрирани околу 39.000 возила. Овај раст на степенот на моторизација не може да биде следен од никакви други мерки освен со ефикасни сообраќајни политики кои градот, но и граѓаните мора да ги воспоставуваат и следат. Сите треба да се запрашаме каква е секојдневната слика на улиците: во скоро секое возило има по еден патник (возач). Никој не споделува превоз, а зафаќа иста површина, загадува исто како и во возилото да се превезуваат 5 патници. Ние како граѓани сами, доброволно и без присила, упорно секојдневно придонесуваме во загадувањето, сообраќајниот метеж, но секако вината ја бараме на друго место. Несразмерно големиот однос помеѓу капацитетот на уличната мрежа и бројот на возила кои таа секојдневно ги прифаќа вели дека решение треба да се бара во мерките на контрола на сообраќајот кои не се непознати, одамна се дефинирани и само треба да се изберат најсоодветните за нашите услови и да почнат да се применуваат. Почетниот удар ќе биде од страна на традиционално воспоставените лоши пракси, но за краток период резултатите ќе бидат видливи“ објаснува дирекрот на „Паркинзи“

Според него платениот паркинг е една од тие мерки, а регулацијата на цената ќе биде почеток кој сепак мора да биде пропратен и со други мерки.

Инаку изминатата недела беше одржана панел дискусија за тоа како до подобри услуги за граѓаните од страна на јавните претпријатија на Битола.