ТЕРА

REKLAMA???

РЕКОРДЕН ОДЅИВ НА ГОДИНАШНИТЕ БАДНИКОВИ ПОВОРКИ ОЧЕКУВААТ ОРГАНИЗАТОРИТЕ

Рекорден одѕив на овогодишната Божикна манифестација, по која Македонија стана препознатлива и надвор од границите, најавија од Здружението „Бадникови поворки“ организатори на настанот.

Според информациите од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави, годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост.

Со тоа уште еднаш се потврдува дека Бадниковите поворки како манифестација го обединува народот и ги поврзува генерациите.

Круна на програмата ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората.

Централно место во програмата, освен „Бадниковата поворка“, која ќе се движи од Музејот на Град Скопје кон плоштадот „Македонија“, зазема „Божикната авантура“, голема сценска изведба која оваа година ќе биде дел од бадниковата манифестација на 6 јануари, од 12:00 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје и во која ќе учествуваат повеќе од 40 актери, музичари, пејачи и детски хор.

„Божикната пештера веќе е поставена на плоштадот „Македонија“ и претставува импресивно уметничко дело, каде што се спојуваат традицијата, духовноста и современиот израз. Пештерата е изработена од брачната двојка Зоран и Македонка Тошески. Станува збор за дело што со своите естетика, симболика и уметничка вредност се издвојува како едно од најубавите и највпечатливи божикни решенија во регионот„ беше речено на денешната прес-конференција.

Од Здружението „Бадникови поворки“ најавија спектакуларна програма на плоштадот „Македонија“ и оттаму додаваат дека она што најмногу ги радува како организатори е што манифестацијата „Бадниковите поворки“ прераснаа во најголема божикна традиција во регионот.

 „Во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и на младите е сè покусо, дека тие сè повеќе се оддалечуваат од вистинските вредности, „Бадниковите поворки“ сведочат за нешто сосема спротивно. Она што особено нè радува е фактот што денес веќе не е потребно дополнително да ги поттикнуваме општините да организираат работилници за изработка на бадниковите ѕвездички, да ги обединуваат децата преку проби или хуманитарни акции. Тоа стана природен дел од заедниците. „Бадниковите поворки“ прераснаа во најголема божикна традиција во регионот, онака како што беше и нашата првична најголема желба, денес поддржана и од Министерството за култура, Град Скопје и од сите општини во Републиката„ рече на денешната прес-конференција, еден од координаторите од Здружението „Бадникови поворки“ Марија Саздева.

Во рамките на активностите се реализираат посети на домовите за стари лица. Исто така, планирани се и флешмоб-акции, кои ќе ја раздвижат празничната атмосфера и ќе внесат радост и топлина во секојдневието.

Манифестацијата „Бадникови поворки“  е финансиски  поддржана од Министерството за култура, Град Скопје и од сите општини во државата.