Бурна расправа и нервоза меѓу советниците од власта и опозицијата предизвика првата точка на Дневниот ред, донесувањето на заклучоци против дезинформациите за мигрантските кампови во Македонија.
Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски ја обвини опозициската СДСМ дека ги плаши граѓаните со како што рече измислени теми дека наводно во Македонија ќе се прифаќаат мигранти.

„СДСМ повторно ја турка старата приказна. Плашење народ со измислени теми и манипулации. Последното бомбастично тврдење дека наводно ќе се прифаќаат мигранти не е политика, туку е политички трик, класична шема- измисли проблем, запали паника, па продај се како спасител. Ова не е ново. Ова е нивниот стил. Лажна тревога, тензија, политички поени. И пак во центарот истите луѓе, кои секојпат се обидуваат да си купат нов мандат со евтини заплашувања. Наместо работа, магла. Многу јасно е наведено тука. Ниту ќе прифатиме, ниту е планирано. Се надевам на поддршка од страна на сите советнички групи“, рече од говорницата Бојан Бојкоски, претседател на Советот на Општина Битола.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Петар Николовски се спротивстави на ваквите обвинувања од мнозинството, и рече дека не СДСМ, туку одредени британски медиуми ја зачнале темата за мигрантските кампови и оттука произлегувала нивната загриженост.

„Не знам зошто овој тон го имавте претседателе. Зошто сте толку нервозни? Зошто правите диверзија во јавноста и зошто сакате и понатаму да продолжите со алиби политиката? Доколку како избрани лица и како граѓани бараме одговори, тоа не значи дека шириме паника и дезинформации. Сите ние како граѓани и Вие како власт заслужуваме да знаеме која е нашата иднина во нашата Република. И наместо сите ние тука да донесеме резолуција, односно не ние, Парламентот во која сите заедно ќе дефинираме дека нема да дозволиме такви дејствија во нашата Република, Вие денес носите заклучок против дезинформации за мигрантски кампови и политички манипулации. Се осудува лажната кампања и манипулативно дејствување на опозициски политички субјекти. Не знам што е тука манипулирање, ако се прашуваат прашања на коишто власта е должна да одговори“-рече на седницата, координаторот на советничката група на СДСМ, Петар Николовски.
На советниците од „Поинаку“ не им беше јасно зошто воопшто ваква точка е поставена на Дневниот ред на седницата на Советот на Општина Битола.

„Прва работа не знам зошто сте нервозни? Зошто викате овде? Втора работа од каде дојде оваа точка овде, да расправаме на Совет ние за ваква работа? Мене стварно не ми е јасно. Што врска имаме ние како Општина Битола со мигранти и со вакви одлуки што се на централно ниво. И ако имате време Вие да се расправате 30 години што ве трпиме ВМРО и СДСМ, имате Влада, Собрание, таму вадете си ги очите. Овде имаме проблеми, градот ни се распаѓа, дупки по улиците, колите ги искршивме, аерозагадување, имаме теми на кои треба да разговараме, прва точка мигрантите. Што врска имаме ние како Совет? И тоа што ни го читавте, немало да има мигрантски кампови. Нема да има кампови, но, еве има огласи во Битола, од многу фирми градежни, каде пиши „градежна фирма од Битола има потреба за сместување на многу работници од Непал почнувајќи од 01.02.2026 година“. Штом некоја фирма бара сместување за работници од Непал, претпоставувам дека тие нема да бидат мигранти, ќе бидат легално населени странски работници во Македонија, па Вие сега дали ќе ги викате мигранти, или ќе ги викате работници, дали биле од Непал, не е наше да кажеме“, рече од говорницата советникот на „Поинаку“ Иван Чулакоски.
Заклучоците против дезинформациите за мигрантските кампови беа усвоени со дваесет гласови „за“, седум советници гласаа воздржано.

















