„НЕ ЗАБОРАВАЈ, АНГЕЛА“ од Љилјана Нелковска. е прво прозно дело на авторката која досега има објавно три поетски книги.

Не заборавај, Ангела“ е вистинска приказна за љубовта и разделбата, за блискоста и далечината, за татковината и туѓината, за животот и смртта, за неверувањето и вербата. Напишан со нежност, романот е лелеаво левитирање, лебед во лет, болка, страст, живот, радост, семејство, вистинска љубов. Приказната се протега од Преспа до Јужна Америка и од Париз до Преспа. Нежност материјализирана во зборови, поезија која се претвора во драма, драмата во музика, музиката во слика, сликата во сеќавање. Меѓу овде и таму, меѓу вчера и утре, меѓу јас и ти, меѓу денот и ноќта, меѓу сонот и јавето, помеѓу.
“Ни една љубов не е без болка“
Љилјана Нелковска е родена 1949 година во Битола. Основно училиште завршува во с.Јанковец, а средно училиште во Ресен. Дипломира Биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Својот работен век го поминува во АД „ТИПО“ – Скопје. Уште од раната младост покажува особен интерес кон ликовната уметност и книжевноста. Подолго време пишува поезија и проза. Книжевноста е областа во која најдобро ја изразува својата богата духовна природа. Досега ги има издадено поетските книги „Темни Рози“ (1999), „Фереџе и Бројаница“ (2014) и „Аманет од мајка ми“ (2019). „Не заборавај, Ангела (2025) е нејзин прв роман.


















