ТЕРА

REKLAMA???

НАЈПОЗНАТИОТ БИТОЛСКИ ДЕДО МРАЗ ПЕТАР СТОЈКОВСКИ-БАБЕЦ

Доајенот на македонското глумиште Петар Стојковски- Бабец, со децении во Битола беше познат и како вечниот Дедо Мраз, и единствен таков лик кој им носеше среќа и надеж на своите сограѓани.

Бабец беше миленик на битолчани, а Дедомразовската кариера ја заврши на 78 години.

Во неговото последно интервју што го даде за „Дневник“ во 2009 година, Петар Стојковски Бабец изјави дека „И Дедо Мраз има неисполнета желба“.

„По повеќе од половина век, годинава не заѕвонив со ѕвонците. Се откажав, зашто мислам дека со големиот број Дедомразовци како да се задуши магијата. Денес секој се облекува така, па и тие што продаваат балони и картички. Кај детето психолошки се уништува приказната за Дедо Мраз. Тие само една капа ќе стават, некој мустак и толку. Јас ако треба негде да одам, си имам свои методи на средување. Дури убаво не се нашминкам, дури не се дотерам – не излегувам. Затоа велат, е ова е Дедо Мраз“- изјави Бабецот.

Тој во неговото последно интервју додаде дека костимот стар 50 години, ѕвонците, брадата, возилото и другите реквизити ќе им ги остави на внуците, можеби некој ден тие ќе ја продолжат неговата традиција.

„Дедо Мраз, му велиме, е тој што ги исполнува желбите на децата. А дали Вие имате некоја неисполнета желба? – Последната желба на овој Дедо Мраз е Битола да добие детски театар. Децата треба да се насочуваат кон убави работи, тие се учат од мали нозе да одат на театар, а не на големство-рече во последното интервју доајенот, актер и режисер Петар Стојковски-Бабец.

Желбата му ја исполни неговиот внук, актерот и актуелен директор на Битолскиот Народен театар, Васко Мавровски кој заедно со неговата сопруга актерката Јулијана Мирчевска го основаа Театарот за деца „Петар Стојковски-Бабец“ и на најубав можен начин го зачуваа големото дело на бардот на македонското глумиште.

За потсетување, улогата на Милован, во претставата „Фамилијата Бло“, од Љубинка Бобиќ е негова прва улога во Народниот театар во Битола како професионален актер.

Во неговата импресивна кариера одиграл значајни улоги во претставите: „Швејк во Втората светска војна“ од Б. Брехт, „Дундо Марое“од М. Држиќ, „Мистер Долар“ од Б. Нушиќ, „Монсерат“ од Е. Роблес, „Чорбаџи Теодос“ и „Бегалка“ од В. Иљоски, „Глувечка патека“ од М. Ѓарваш, „Арсеник и старите тантели“ од Џ.О. Кесерлинг, „Вук Бубало“ од Б. Ќопиќ и други, режирани од Љубиша Георгиевски, Душко Наумовски и други режисери.

Петар Стојковски Бабец оствари над двесте улоги во Битолскиот народен театар, а беше и уредник на  хумуристични емисии на „Радио Битола“.

Почина на 80. годишна возраст во Битола.