Божиќ се слави три дена. Божиќното утро почнува така што рано в зори се слушаат камбаните од сите православни цркви и храмови, се облекува свечена облека и се оди во црква на божиќна литургија.
Луѓето се поздравуваат и отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди“ и „Ваистина се роди“.
Целта на овој празник е токму таа, да се поврзат луѓето на овој ден со Бога и со своите најблиски. Да поминат квалитетно време заедно и да го прослават Христовото раѓање.
Со Божиќ е поврзана и поговорката: „За Божик кај и да си, дома да си“. Тоа значи дека за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.
На Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.
Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.
Денеска се слави Божиќ, денот на Христовото раѓање












