Нејзините маски, грижливо и со голема љубов специјално подготвени пред Василица, се вистинска атракција која секоја година со нетрпение се очекува на Вевчанскиот карневал. Така ќе биде и оваа година. Ресенчанката Бети Котовчевска, односно Бетика и оваа година ќе настапи на карневалот во Вевчани.
„Утре започнува Вевчанскиот Карневал – жива традиција, слобода на духот и огледало на вистината што со векови зборува без страв. Мојата поврзаност со Вевчани не е крвна, него душевна. Оваа ми е јубилејна 15-та година без прекин. Бетика е дел од оваа 1.400 и кусур годишна традиција. Не како набљудувач, туку како срце што чука во ист ритам со Вевчани. Ова место го чувствувам толку блиску до срцето, како втор дом. А луѓето таму топли, храбри, автентични.. луѓе што знаат да се смеат, да пркосат и да останат свои покрај се! За овој ден сум се враќала и од далечната Лапонија, затоа што некои повици не се одбиваат, тие се живеат. Живеам за овој ден.“-вели таа.
Посочува дека се работи за стара традиција од непроценливо значење. „Најубавата традиција, чистилиште за цела Македонија. Стар обичај каде што народот низ смеа, сатира и превртена реалност ја симнува тежината од душата. Тука се исмева злото, се разобличува неправдата и се чисти сè што се насобрало во текот на годината страв, бес, лага, болка. Маските не се за криење, туку за ослободување. Со нив се пушта старото да замине, за новото да има каде да влезе. Тоа е колективно чистење, длабоко вкоренето во нашите адети, пренесено од нашите предци што знаеле дека човек мора барем еднаш годишно да ја истресе душата. Ова не се објаснува со зборови, ова мора да се искуси – доживее.“-вели таа.
Маските со кои настапува се нејзини креации, рачно изработувани низ годините, со љубов, визија и почит кон традицијата. „Вевчани е пример како се чува традиција со достоинство и хумор. Ви благодарам што со векови му покажувате на светот што значи слободен дух. А вас, мои луѓе — дојдете утре. Доживејте нешто уникатно, единствено, нешто што не се раскажува, туку се памети длабоко во срцето.“-порачува Бетика.
Во исчекување на настапот на Бетика во следните денови, ви ги пренесуваме нејзините креации од минатите години.

























