Бандери против пешаци и коловоз како отскочна даска. Битолските комунални проблеми на сообраќајниците се за во забавна рубрика. На улицата Нико Фундали, бандерите им го попречуваат одењето по тротоар на пешаците. Тоа е улица којашто чиешто реновирање заврши во јули минатата година.

На улицата Нико Фундали, која се протега од крстосницата со ул. Солунска на исток, улицата Север-Југ и до спојот со улицата Тошо Даскало на запад има неколку куриозитети.
Најпрвин, тротоар со бандери кои пркосат на сите пешаци. 12. 628,225 денари беа потрошени за изградба на мешовите канализација, водовод и за „целосна реконструкција на постоечката коловозна конструкција и реконструкција на тротоарите од префабрикувани павер елементи“. Планирањето и воведот во работа на терен беше објавен на официјалната веб страна на Општината на 14 октомври 2024 година.

Бројни бандери уредно, во линија , на среде тротоар со павер елементи што ја обликува улицата од едната страна покажуваат кој ја има вистинската моќ на теренот. Иако пешакот е приоритет , овде бандериве гордо го окупираат тротоарот оневозможувајќи безбедно минување на пешаците кои имаат потреба од помош – мајки со деца во колички, лица кои користат медицински помагала од најразличен вид. Првата бетонска бандера од едната страна и многу дрвени. Една и во дворот на нашите сограѓани. Овојпат нема да зборуваме за архитекти, нивно планирање и однесување на граѓаните. Одговорноста јавноста ќе ја побара од општината, таа пак , како во многу наврати досега, од изведувачот.

Малку подолу, тротоарот со бандери завршува во поширокиот простор на задниот дел од зградите „Север-Југ“ – местото што пред одлуката на градот, беше исполнето со метални гаражи – времени објекти. Овде, за разлика од други места, корисниците на временит објекти ги отстраниле и просторот го исчистиле. Но, тој стои празен, со земја и самоникната трева и како да чека да се вратат градежните екипи кои го асфалтираат 300 метарскиот дел од улицата Нико Фундали за да се знае неговата точна намена или архитектонско-градежно финализирање. Затоа што сега е само аголно, калливо и заборавено место.
Новите жители во овој дел од градот, во новите станбени згради се во недоумица и дали градежните екипи од општина Битола ќе се вратат и за да го корегираат или санираат делот од улицата на која тие излегуваат, а е на Т-раскрница кон зградите на Симпо и Север-Југ од нивната десна страна и кон ул. Солунска од нивната лева страна.


Сечено и поткренато правоаголно парче од асфалтот како отскочна даска е вистинска манифестација на сообраќајниот рулет – секое минување изненадување, дали ќе настрада гумата, бандаќот или пак ќе ве измести од патеката во моменти на разминување со друго возило. Жителите кои сега го запознаваат овој дел од градот сведочат дека често ова место предизвикува и помали сообраќајни незгоди во кои се вклучени пешаци – затоа што овде нема воопшто тротоар, а граѓаните мора да поминат, заедно со автомобилите, и велосипедите. Овие пак од новата зграда – да свртат кон десно и да си одат дома.

Граѓаните кои реагираа кај нас, досега во неколку наврати реагирале и в општина, и на социјалните мрежи. Но, освен остра или подсмешлива реакција, досега во реонот нема никаква промена.












