Најдобрите матуранти од Битола наместо на Битолскиот, се одлучуваат да студираат во Словенија.
Елитата на младите од Битола се на студии во Словенија и најголемиот број од нив по завршувањето на студиите не се враќаат во татковината, туку остануваат да живеат и работат во странство, велат професорите од Битолскиот универзитет.
„Еден од предизвиците е популарноста на факултетите во странство. Повеќе битолчани студираат во Љубљана, Марибор и Копер отколку што студираат во Битола. Елитата на младите од Битола е во Словенија, а најголем дел и не се враќаат. Не затоа што таму има подобри услови, туку затоа што имаат подобри можности да добијат знаење и да продолжат со својата работа. Мора да сфатиме-ние сме за студентите, а не студентите за нас, професорите. Уште еднаш апелирам до сите да ги подобриме условите за работа во високото образование, да се посветиме, бидејќи младите ќе си заминат“-вели проф. д-р Саша Дуковски, претседател на Синдикатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.
Според ректорот на Битолскиот универзитет, проф. д-р Игор Неделковски, во иднина мора да се работи на два клучни сегменти. Поголеми вложувања за поквалитетно образование, а локалната и централната власт да работат повеќе на обезбедување здрава животна средина.
„Честопати младите, зборувам за мојата струка од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, како струка во која имаат високи примања, квалитетно образование и лесно се наоѓа работа, сепак заминуваат зашто не се задоволни од животот во градот и општеството. Мора да се работи на двете, ние да се вложуваме во поквалитетно образование, а локалните и централните власти да работат повеќе на обезбедување здрава животна средина, дигитализација, борба со аномалиите во општеството, друг механизам нема“-вели ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.
Во последниве години сè почесто гледаме како младите од Македонија ги пакуваат куферите и заминуваат да студираат во Словенија и на други универзитети во Европа.
Според словенечки извори, во двете академски години 2023/2024 и 2024/2025 во Словенија се запишале над 3.100 студенти од Македонија.
Со секој студент кој одлучува да ја бара својата академска и професионална иднина надвор, Македонија полека, но, сигурно губи дел од својот кадар, својата енергија и својот потенцијал, велат експертите.












