Корекција на цените на услугите во Старскиот дом ,,Сју Рајдер“ беше изгласана од мнозинството советници на последната седница на Советот на Општина Битола.
За советниците од власта корекцијата на цените била направена внимателно, а тоа било неопходно поради зголемените трошоци за редовно одржување на Старскиот дом.
„Во изминатите години се евидентирани пораст за трошоците за електрична енергија, храна и прехранбени производи. Средства за хигиена и дезинфекција и медицински материјали, лекови и тековно одржување и поправка на објектите и опремата, платите и надоместоците за вработените. Покрај тоа, Старскиот дом има обврска да ги почитува пропишаните норми и стандарди за згрижување на старите лица, а воедно да вложува во унапредување на условите за живеење, безбедноста и здравствената заштита на корисниците“- рече на седницата Марина Крстиќ советник од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

За советниците од опозицијата поскапувањето на цените во Старскиот дом „Сју Рајдер“ најмногу ќе удри по џебот на најранливата категорија на граѓани.
„Со ваквата одлука на мнозинството, лицата корисници на Домот ќе бидат финансиски оптоварени и сметам дека ние како социјална држава и како Општина треба да се стремиме да обезбедиме подобри услови за старите лица. И како што рековте дека една држава се цени по однос на тоа како се третираат токму најранливите, сметам дека 30 проценти покачување на цените за социјална категорија, и одлуката што ќе се донесе, не сметам дека му излегуваме во пресрет на старите лица кои заслужуваат достоинствени услови, но, начинот на финансирање не да биде врз нивниот грб, туку начинот да биде преку менаџментот“, рече во дискусијата Петар Николовски, координатор на советничката група на СДСМ.

Сместувањето во Домот за стари лица „Сју Рајдер“ со новите цени за подвижни лица наместо 9.711 денари ќе чини 11.737 денари, а за неподвижни лица од 12.000 цените се зголемуваат на 15.000 денари.

















