ТЕРА

REKLAMA???

Музичкиот виртуоз Благојче Трајковски го најави видео спотот за Височини

За денес музичкиот виртуоз Благојче Трајковски го најави видео спотот за Височини сниман во срцето на Битола, на платото на Офицерскиот дом.
„Ова не е композиција што настана по некој план, ниту по нарачка. Дојде тивко, спонтано, како мисла што не те прашува дали имаш време за неа. Инспирацијата ме најде едно утро, во автомобил, додека возев на патиштата на нашата Македонија, додека пејзажите се менуваа, а мислите кога возиш сам имаат свој ритам. Во тие моменти, македонската музичка ризница секогаш ми се враќа како нешто живо, нешто што не е минато, туку трае, дише и бара нов глас. Таа љубов кон традицијата отсекогаш ми била компас, па така и овојпат таа ја повлече линијата по која се движеше и се родија „Височини“. Композицијата постои веќе некое време. Ја свиревме на концерти со бендот Фонтана и секојпат чувствував исто, а публиката ја прифати лесно. Тогаш сфативме дека имаме обврска не само да ја снимиме, туку и да ја документираме. Да ѝ дадеме форма што ќе остане. Па така снимивме и видео спот кој премиерно го објавуваме.“-вели Трајковски.
Во ова патување посочува дека не бил сам. „Покрај членовите на Фонтана, огромна чест и радост беше да споделам музика со Петар Христов на сопран саксофон, Зоран Јагоридовски на перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Посебна енергија  даде и гудачкиот камерен оркестар составен од музичари од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, луѓе со исклучителна прецизност, чувство и почит кон звукот. Аудиото го снимивме и продуциравме во студио „Подрумот“ со Ангел Ќосев, со внимание кон секој детал, секоја пауза, секој здив меѓу тоновите. Видео записот го снимивме на платото пред Офицерскиот дом во Битола, место со сопствено време и сопствена меморија. Благодарност до Кристијан Теодоров за фотографијата и до Огнен Шапковски за монтажата, кои ѝ дадоа визуелна тишина и длабочина на музиката. Посебно ми значи и појавувањето на Горан Трајковски, како гостин инструменталист, долгогодишен пријател и соработник, човек со кој музиката отсекогаш била разговор, а не чист настап. „Височини“ е благодарност. До сите што веруваат дека македонската музика не треба да се чува во стакло како скапоцена вазна, туку да се живее. До сите што вложија знаење, професионализам и срце во ова дело.
И до публиката, која со секое слушање нè потсетува зошто ова го правиме. Оваа композиција ќе се најде и на нашиот нов албум што наскоро доаѓа. Но само слушајте и гледајте. Без очекувања. Можеби ќе се препознаете во некоја своја височина.“ – порача тој најавувајќи го видеото.