ТЕРА

REKLAMA???

Со „Пламенка“ битолскиот театар ја започнува 2026 година

Денеска креативниот тим кој стои зад претставата „Пламенка“ одржа прес конференција. Претстава за жената низ сите премрежија на македонската историја ги спои „Интимен театар“, битолскиот Центар за култура и битолскиот Народен театар. Премиерата е најавена за 19 февруари.

„Пламенка“ на авторот  Петре Димовски а во режија на Софија Ристевска е првата претстава на битолскиот театар во новата година. Се работи за копродукциска претстава на Интимен театар , Центарот за култура и битолскиот народен театар.

Денеска ја промовираме претставата којашто е посебна не само затоа што Петре Димовски е прекрасен раскажувач туку и затоа што тој се занимава со историјата и преживувањето на народот, вели режисерката на претставата Софија Ристевска .

Биљана Крајчевска е драматургот на претставата. Романот од 300 страни за оваа прилика е сведен на 45 страни сценарио.

Музиката е авторско, оригинално дело на Александат талевски, костимите исто така сосема нови на Андреј Папаз Горгиевски. Љупка Стефановска пак е кореографот во претставата – ги осмисли сите движења и игра на сцената кадешто на актерите ќе им се придружат и членови на КУД „Илинден“.

Задоволството од заедничката соработка во име на сите го изрази актуелниот директор на Центарот за култура Сашо Илковски. Него истовремено го задолжиле за видеоматеријалите кои се снимани на пет локации низ Пелагонија. Актерот Валентин Дамчевски, како единствен маж во екипата смета дека ова е претстава којашто разбудила длабоки емоции кај целата екипа.

Емоциите на прво претставување пред битолската театарска сцена ги сподели и младата актерка Вероника Ефтимова од Штип. Заедно со Викторија Степановска и Маја Андоновска ја игра Пламенка во сите фази од нејзиниот живот исполнет со секојдневната борба на преживување, ама во воени услови.

Од денешната прес конференција прозвучи впечатокот дека по скоро тримесечна подготовка оваа копродукција на публиката ќе и понуди квалитетно дело за целиот свет низ призмата на македонската жена – непрогласен херој на сите македонски времиња.