Нема одложување на законот против пушењето. Министерството за здравство соопшти дека новиот Закон ќе почне да се применува без одложување по усвојувањето во Собранието, а во моментов се доработуваат забелешките пристигнати за време на јавната расправа. Од министерството наведуваат дека финалниот текст на законот ќе биде доставен до Владата веќе следната недела.
Според надлежните имплементацијата на новиот закон против пушењето ќе се одвива во две фази, односно прво би се изрекувале опомени, па потоа казни.
Новиот предлог-закон предвидува целосна забрана за пушење на класични и електронски цигари во затворени простории, а забраната ќе важи во сите угостителски објекти, јавни институции, компании, образовни и здравствени установи, автобуски и железнички станици, пазари, културни и спортски објекти.
Во Центарот за јавно здравје во Битола има Советувалиште за одвикнување од пушењето, но, оттаму велат дека интересот е многу слаб.
„Интересот за одвикување од пушење за жал е многу слаб во нашиот регион, односно на територијата која го покрива Центарот за јавно здравје. За жал, советувалиштето постои од поодамна, целосно сме адаптирани, со опрема и кадар за советувалиштето, ги чекаме пациентите коишто сакаат да се одвикнат од пушењето да дојдат, но, за жал, интересот е многу мал“-изјави за ТЕРА телевизија, др. Јован Тодоровски спец. по социјална медицина во ЦЈЗ Битола.
Според здравствените власти фрапантни се анализите за оваа зависност кај младите и со новиот закон целта е да се спречи тоа.
„Во нашата држава голем е процентот на лица коишто користат тутунски производи. Тој процент се движи некаде околу 43 до 48 проценти над 18 години возраст, лицата користат тутунски производи. Токму затоа сакам да истакнам дека ги посетуваме училиштата и апелираме до самите ученици и да пренесат дома кај нивните родители дека постои овој Центар за оние коишто сакаат да се откажат да им помогнеме во начинот на одвикнување кое за жал е многу тежок“ додава доктор Тодоровски.
Инаку, со новиот закон, пушењето ќе биде забрането и во автомобил доколку во возилото има дете.
Предвидените казни за прекршување на законот се од 150 до 300 евра за граѓаните, додека, пак, за правните лица казните можат да достигнат и до 5.000 евра.












