Ситуацијата во Дубаи не е таква каква што се прикажува во медиумите, вели поранешната македонска новинарка Весна Гелева, претприемачка и сопственичка на агенција за недвижнини во Дубаи. Во ексклузивен разговор за ТЕРА Телевизија таа открива каква е атмосферата во Дубаи во моментов, при што истовремени испрати и видео снимки направени денес во Дубаи.
„Ситуацијата не е пријатна – сепак сме во активна воена зона, но далеку е од сликата што се прикажува во странските медиуми. Од 28 февруари наваму, Иран лансира ракети и дронови кон ОАЕ. Одбранбениот систем на ОАЕ пресретна повеќе од 95% од нив. Дел паднаа во море. Остатоци од пресретнатите проектили предизвикаа одредена материјална штета, неколку лица се здобија со полесни повреди, а за жал три лица го загубија животот.
Посочува дека нападите не се случуваат постојано и насекаде. Во услови на закана за одредена зона жителите од тоа подрачје добиваат нотификација, односно известување.
„Луѓето што живеат овде се чувствуваат безбедно и имаат доверба во институциите и системот за заштита. Важно е да се појасни дека нападите не се случуваат постојано и насекаде. Кога има закана за одредена зона, жителите од тоа подрачје добиваат гласна алармна нотификација со јасни инструкции да се засолнат, подалеку од отворен простор и прозорци. Јас живеам во Дубаи Марина и неколку пати ги слушнавме силните детонации од пресретнувањата и во тие моменти е навистина страсно. Но освен тие моменти, животот продолжува речиси нормално: продавници, ресторани, канцеларии итн работат, луѓето излегуваат и функционираат.“-вели таа.
Посочува дека највознемирени се туристите.
„Има луѓе кои се во паника и сакаат да заминат, претежно туристи. Но поголемиот дел од резидентите имаат доверба во државата и не планираат да одат никаде.“-вели таа.
Како поранешна новинарка таа посочува дека информациите треба да се земаат со резерва и да се проверуваат, со цел непотребно да не се шири паника бидејќи многу македонски семејства имаат свои луѓе во Дубаи и се загрижени за нивната безбедност.
„Ве молам, следете луѓе што навистина живеат овде и споделуваат реална слика од терен. И како екс новинар, ве молам двојно да ги проверувате фактите пред да пласирате изјави што можат дополнително да создадат непотребна паника.“-вели таа.
Анета Шијакова













