По осумнаесетдневен престој на Андите, интернационален тим планинари успеа да се искачи на врвот Аконкагва – највисоката точка во Јужна Америка и еден од симболите на високогорското планинарење. Планината е позната по суровите услови: реткиот воздух на речиси седум илјади метри надморска височина, екстремниот студ и силните ветрови. Екипата броеше седум членови – меѓу нив и македонскиот планинар Иван Трпков – заедно со двајца учесници од Аргентина, еден од Уругвај, двајца од Бразил и еден од Мароко.
Битолчанецот Иван Трпков ексклузивно за ТЕРА ТВ испрати видео изјава што значи искачување на 7000 метра при екстремно ниски температури.
И покрај тоа што поголемиот дел од февруари го одбележаа силни ветришта и нестабилно време, краток период на подобри услови им овозможи на петмина од нив да застанат на врвот.
За Иван, ова претставува трет успешно искачен врв од предизвикот „Седум врвови“ – највисоките врвови на секој континент, по искачувањата на Килиманџаро и Елбрус. Неговиот планинарски пат вклучува и искачувања на Исланд пик на Хималаите, Арарат во Турција, Дамаванд во Иран, Казбек во Грузија, Фуџи во Јапонија, како и на европските популарни врвови Мон Блан, Гросглокнер, Ортлер и Гран Парадизо.
Искачувањето на Аконкагва претставува уште едно вредно искуство и чекор напред во неговата спортска биографија, но и потврда за континуитетот на битолското и македонското планинарство на меѓународната сцена.
Анета Шијакова
Битолчанецот Иван Трпков ексклузивно за ТЕРА ТВ за искачувањето на Аконкагва на 7000 метри н.в. при екстремно ниски температури













