ТЕРА

REKLAMA???

Битола речиси една година e без пајак служба

Битола речиси една година e без пајак служба. Тоа дополнително влијае во градот секој да се паркира каде ќе стигне. Окупирани тротоари, но и зелени површини се честа глетка во Битола.

Од јавното претпријатие Паркинзи потврдија дека од април минатата година специјализираното возило Пајак не е во функција.

Претпријатието проценило дека трошоците за сервисирање на возилото ги надминуваат приходите кои се остваруваат со работењето на возилото. Оттука, истото до овој момент не е вратено во функција и нема скорешни планови за тоа.

„Трошоците од поправките и сервисирањето на пајак возилото, кое инаку е старо и многу амортизирано, се поголеми од приходот кој работењето на ова возило го остварува како дел од Пајак службата, која инаку е во функција на асистенција на сообраќајната полиција. Поради високите трошоци проценивме дека е подобро возилото да биде надвор од функција, бидејќи не сакавме да донесе загуби за претпријатието. Тоа особено го утврдивме со последните три дефекти кои беа поголеми и чие сервисирање би создало многу поголеми трошоци одошто приходот кој возилото го остварува кога е во функција. Во моментов приоритет е осовременување на опремата за паркинзи и редовна исплата на плати, а не пајак возилото.“-вели Зоран Михајловски, директор на ЈП Паркинзи-Битола.

Пајак возилото во минатото било дел од ЈП Комуналец, додека од 2020 година е преместено во ЈП Паркинзи.

Основна дејност на „Пајак службата“ е преместување и одстранување на непрописно паркираните возила по налог на овластено лице од сообраќајната полиција или комунален инспектор. Оваа служба има задача да помага при расчистување на сообраќајниците и овозможување на полесен проток на сообраќајот. Истовремено, Сектор „Пајак“ по налог на комунален инспектор отстранува возила од зелени површини и дислоцира хаварисани возила.