Непушачите наскоро треба да можат да влезат во локал без да минуваат низ пушачкиот дел, односно без да дојдат во контакт со делот каде има чад од цигари, односно делот кој го користат гостите пушачи. Ова е една од новините која ја донесува Новиот закон за заштита од пушење кој на 24 март треба да се најде на владина седница, по што ќе биде испратен во Собранието.
Се очекува постапката да заврши за еден до најмногу еден и пол месец. Законот првично беше најавен да почне да се применува од 1 март, но беше одложен по реакциите и забелешките од угостителите и тутунската индустрија.
Законот предвидува обврска влезот во угостителскиот објект да биде одвоен од просторот каде што се пуши. Во предложените решенија останува и можноста да се пуши на тераси со две отворени страни, како и во случаи кога третата страна е покрив што може да се отвори. Ова е компромисот што следува по забелешките од угостителите, откако првичните идеи за построги услови наидоа на отпор од страна на угостителскиот сектор.
Останува предлогот да влезе во владината, а потоа и во собраниската процедура, каде ќе се види дали компромисот што беше направен со терасите и влезовите ќе биде доволен за законот конечно да добие зелено светло.
Непушачите ќе можат да влезат во кафуле без да дојдат во контакт со чад од цигари












