ТЕРА

REKLAMA???

Македонија е високо рангирана во намалувањето на неонаталната смртност

Македонија е високо рангирана на глобално ниво во намалувањето на неонаталната смртност. Ова го покажува најновиот извештај на меѓуагенциската група на Обединетите нации за проценка на смртноста кај децата за минатата 2025 година.

Согласно наодите од извештајот, што беше презентиран на заедничка прес-конференција на министерот за здравство Алиу со претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство, Папестиев и шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија, доктор Али, со претставници на УНИЦЕФ, Македонија е рангирана меѓу најуспешните земји на глобално ниво во намалување на неонаталната смртност и смртноста кај децата под петгодишна возраст.

„Државата е препознаена како пример за успешна имплементација на интегрирани и координирани здравствени политики. Во изминатиот период е евидентиран значителен напредок, при што стапката на неонатална смртност е намалена за 87 проценти, од 8,1 на 1,1 на 1.000 живородени деца, додека стапката на смртност кај деца под пет години е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца. Остварените резултати се плод на континуирани системски реформи, зајакната институционална координација и партнерство со релевантните меѓународни организации“ беше истакнато на прес-конференцијата.

Според надлежните особено значајни се активностите насочени кон зајакнување на итната акушерска и неонатална нега, ревидирање и усогласување на клиничките протоколи, унапредувањето на практиките за реанимација на новороденчиња и превенцијата на инфекции, како и подобрување на системот за медицински транспорт.