ТЕРА

REKLAMA???

Битола повеќе троши за косење трева, отколку крпење на дупки!

Буџетот на Општина Битола за 2025 година “тежеше” скоро 39 милиони евра. На прв поглед, оваа бројка изгледа импресивно – доволно пари за многу проекти кои треба да го направат подобро секојдневието на битолчани. Но, ако внимателно се погледнат приходите и расходите, сликата не е розова: градот троши многу за тековно функционирање, а само мал дел за развој. Односно, парите на граѓаните се трошат за да се рани системот од кој истите тие граѓани не се задоволни, го сметаат за застарен, неефикасен, корумпиран…
Најголемиот дел од парите во касата на Битола, воопшто не доаѓаат од локалната економија. Во ланскиот буџет, тоа изгледа вака: од вкупно 2,38 милијарди денари, околу 1,6 милијарди доаѓаат од државниот буџет. Тоа значи дека две третини од буџетот на нашиот град, зависат од Скопје, односно од Владата.
Неспособноста на локалната власт сама да си обезбеди приходи, се покажува во некои ставки каде има големо потфрлување. На пример, од надомест за јавна чистота биле планирани 20 милиони денари приход, а се реализирале 0. Од лиценци за ноќни клубови, градот планирал да наплати 3 милиони денари, успеал да реализира само 692 илјади. Од продажба на општински имот биле планирани 30 милиони, но се реализирале само 12 милиони денари. Ако вака продолжи градот, уште долго време ќе си ја пееме паролата „Да живее независна Битола”, а ќе се молиме на Скопје да ни пушти пари за живеачка.
Но, без разлика дали парите се од Битола или од Скопје, тоа се сепак наши пари, собрани од даноци и такси. Затоа, вистинското прашање не е потеклото на парите, туку колку од тие пари одат за развој на градот?
Одговорот е изненадувачки. Наједноставно кажано,  од секои 100 денари што ги троши општината, само околу 19 денари одат за нови улици, реконструкции или други инвестиции.
Сѐ останато оди за плати, сметки, одржување и функционирање на системот. Така, само за плати и придонеси лани биле потрошени околу 1,28 милијарди денари. Тоа е повеќе од половина од целиот буџет! За споредба, за капитални инвестиции, односно за нови проекти во градот, лани се реализирани само околу 455 милиони денари. Значи, за функционирање на системот се трошат речиси четири пати повеќе пари отколку за развој.
Буџетските бројки покажуваат и други интересни детали. Во категоријата договорни услуги лани се потрошиле над 85 милиони денари. Тука спаѓаат консултантски услуги, правни услуги, печатење итн. Ова е ставка што обично се нарекува „буџетска магла” бидејќи не се гледа каде и колку пари завршиле. Понатаму, за спортски клубови биле потрошени околу 81 милион денари, односно повеќе од 1,3 милиони евра, за судски пресуди над 13 милиони денари. За привремени вработувања отишле над 20 милиони денари.
Најинтересно е што лани Битола потрошила повеќе пари за одржување зеленило отколку за одржување улици -за косење, кастрење, садење се потрошиле 47 милиони, а за крпење дупки и поправки на улици 44 милиони денари!
Ако буџетот на општината се подели со бројот на жители, излегува дека локалната власт минатата година потрошила околу 32.000 денари по жител.
Прашањето е многу едноставно: Дали за овие пари што ви ги потроши општината, чувствувате дека живеете во подобар град?