Нова „уметничка инсталација“ се појави кај светонеделските гробишта.
На едниот крај двосед фотеља, за да си поприкажите со покојните, без да влегувате внатре кадешто може да ве изненади некој, жив без трошка почит кон – чистата животна средина. Оти поголемиот дел од клупите во гробиштата се искршени и „Комуналец“ ништо не направил за заштита со години. Па се откажале и најупорните.

На другиот крај – точак. Дизајнерски. Целиот во бело. Добро фиксиран стои исправен и можеби носи спомени за времето кога се тркалал низ патиштата на градот и селата или бил користен за носење цвеќе до гробовите. Инсталација е , уметничка, па кој како сака си толкува и ја разбира. Едното тркало во гума, другото со камен. Можеби го симболизира преминот од оваа во друга земја, од овој во друг свет. Или пак вели нема напредок кога се има камен во чевелот.

Венците, специфичните надгробни икебани од претходните верски и световни празници , најпрвин укажуваат на почитта што битолчани ја манифестираат кон своите претходници. Но таму има и дрвени штици, пластика, плочки. Се симбол на минливоста. Или, изложба на сите фази од животот и смртта.
Малку потаму, уште штици и потошени гуми. До нив, празен контејнер.
Целата композиција зборува дека ова е дело во прогрес – може уште да се доработи…

Ако дозволи ЈКП „Комуналец“ секако, одговорен и за одржуавњето на меѓугробниот простор. Тера пред месец и половина објави дека „Со поскапувањата што ги изгласа владејачкото мнозинство купувањето (користењето) на гробно место чини 24.500 денари, а надоместокот за одржување на меѓугробен простор наместо досегашните 333 денари, граѓаните ќе плаќаат 450 денари.“

И пак, ако човек се наврати, на сите реакции од граѓаните кои редовно ги плаќаат сметките и медиумите кои редовно посочуваат на вакви и слични состојб , не може а да не се помисли дека животот е краток, само ѓубриштето до светонеделските гробишта – вечно.












