По стапувањето во сила на построгите законски мерки за возење без возачка дозвола, во Битола и регионот е забележан зголемен интерес за полагање на возачки испит од б категорија. Навалија повозрасни шофери кои возат скапи автомобили.
Има една стара битолска анегдота за доселеник во Битола кој на комисијата којашто го паднала на возачкиот испит им рекол „дај ти возачка, за возење – ќе научам“. Со текот на годините анегдотата стана неактуелна, многумина се научија да возат и возат – некако, и се откажаа од полагање на возачкиот испит.

Арно ама, „знам да возам“ не е повеќе категорија за вклучување во сообраќајот. Од 1 февруари државата започна со примена на измените во кривичниот законик поврзани со кривични дела во сообраќајот, меѓу кои е и одземањето на колата како привремена санкција доколку се вози без возачка. Во првите 10 дена СВР Битола одзеде 5 возила. И сега скоро два месеци подоцна во сообраќајниот билтен има информација за возење без возачка.
Сега индивидуалниот ризик и влог e поголем. Па Битолчани навалија да полагаат возачки, за да добијат возачка дозвола.
Од авто-мото испитниот лиценциран центар „Супер возач“ во Битола потврдуваат дека бројот пријавени за возачака е неочекувано голем. Во договор на прашањето на ТЕРА велат дека „најголем дел од новопријавените се повозрасни кандидати кои во минатото почнале да полагаат, но никогаш не го довршиле процесот. Истите се реактивираат од страна на нашите служби“, велат од Супер возач Битола, „нивните досиеа се лоцираат од архивата на превземени досиеа од претходниот оператор и се ставаат на распоред за полагање на возачки испит за оној дел кој што исполнуваат услови.“
Според центарот, интересот во втората половина на 2025 година и во првиот квартал од 2026 е повисок од истиот период во претходните години, но и над очекувањата што биле направени врз основа на досегашната статистика.

Во меѓувреме, бројките за возење без дозвола и понатаму се алармантни. Само од 1 јануари до 30 септември 2025 година, на подрачјето на СВР Битола биле санкционирани 2.811 возачи без возачка дозвола. Трендот продолжи и во 2026 година, со повеќе случаи на лица лишени од слобода поради управување возило без дозвола.
На национално ниво, податоците покажуваат дека биле евидентирани 16.359 прекршоци во 2022, 19.885 во 2023 и околу 19.000 во 2024 година за управување моторно возило без возачка дозвола.
Според правниците од правосудниот систем и нивните колеги од полицијата, запретената казна одсекогаш била еден од ефикасните начини за промена на лошите навики.












